„Трка“ за препишување на заслугите за минималецот – и ДУИ, и СДСМ велат дека покачувањето било дел од нивната програма

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веднаш по постигнатиот договор минималната плата да се зголеми на 18 илјади денари, СДСМ и ДУИ ја почнаа трката за собирање на заслугите за ова достигнување. Министерот за економија, Крешник Бектеши во „Клик Плус“ рече дека покачувањето на минималната плата било дел од програмата на ДУИ со која настапи на последните парламентарни избори. Додава дека најголеми заслуги за ова има министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Во однос на покачувањето на платите, но и во однос на трансферите кои треба да се случат од овој буџет, главниот играч во Влада е министерот за финансии, кој ги направи сите проекции и анализи. Ова беше ветување на ДУИ кое се реализира. Вработените во приватниот сектор и оние кои земаат минимална плата, ќе имаат повисоки плати, минимум 20 илјади денари. Програмата на ДУИ ќе се реализира 100%“, истакна Крешник Бектеши.

Од друга страна пак, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, по постигнатиот договор со Сојузот на синдикати на Македонија, на нејзиниот профил на Фејсбук напиша дека СДСМ е секогаш на страната на работниците:

„Постигнат е договор -18 000 денари минимална плата на сметките на 80.000 работници! Растот на минималната плата е цврста заложба на Владата предводена од СДСМ! СДСМ е секогаш на страната на работниците“, вели Сања Лукаревска.

Со реакција преку фесјбук-статус се јави и поранешниот премиер, Заев. Тој уште на последните локални избори од Кочани вети покачување на минималната плата.

А, во програмата на ДУИ со која настапи на парламентарните избори, пишува:

„Минималната плата ќе достигне до 50% од просечната нето плата, па така нето минималната плата треба да се врзува со висината на просечната нето плата, со цел да се поттикне зголемувањето на платите во земјата и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, посочуваат од ДУИ. 

Ниту лидерот на интегративците, Али Ахмети не заборави да се пофали на социјалните мрежи. Тој истакнува дека покачувањето на минималната плата ја докажува искреноста за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ова е уште еден обид за прикривање на „предавството“ во преговорите со Бугарија.