Останаа уште 6 месеци до локалните избори.
Калкулациите за градоначалници и листите на советници веќе започнаа. Во Кичево неофицијално излегоа првите имиња на кандидатите за градоначалници.
Овие денови се очекува Шкодран Алили да ја објави својата кандидатура. Тој по професија е адвокат, а се занимава и со хуманитарна активност.
Активностите на терен ги започна и актуелниот градоначалник Фатмир Дехари. Пред два дена беше во село Црвица каде се заблагодари за поддршката.
На крајот на месец јануари Дехари рече дека печалбарите бараат тој повторно да се кандидира за четврт мандат на чело на општината.
„И Кичево, во случајов, да заклучам, нека биде волјата на мнозинството граѓани, бидејќи од разговори со иселениците сум имал такви случаи, не еден или два туку многу, Фатмир, не не оставај“, вели Фатмир Дехари.
Иако Дехари почна со активности, ДУИ како партија се уште официјално не излезе со името на кандидатот за Кичево. Извесен период се шпекулираше и за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, но ова останува под знак прашалник додека не излезе од притвор.
Во Кичево кандидат ќе има и Движењето Беса. Така барем изјави пред неколку месеци потпретседателот на партијата Фатмир Лимани, но се уште не се знае дали тоа ќе самиот Лимани или некое друго име.
„ВРЕДИ ќе има свој кандидат за општина Кичево и за тоа ќе одлучи раководството на Движењето Беса, потоа овој предлог што ќе го донесе раководството на Движењето Беса ќе треба да го одобрат сите други лидери кои ја сочинуваат ВРЕДИ“, вели Фатмир Лимани.
Во меѓувреме, на локалните избори АА на Арбен Таравари ќе се натпреварува со посебна листа за општински советници. Неодамна членовите на подогранокот на АА од кичевското село Тухин преку соопштение истакнаа дека се оградуваат од неодамнешните потези на партијата, како во однос на советничката листа, така и во однос на нејзиното излегување од коалицијата ВРЕДИ.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се уште немаат конкретни имиња за нивните кандидати.