Тројца македонски државјани, меѓу нив и две малолетни деца загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Словенија. Сообраќајката се случила на автопат, во близина на Унец. Според информации од словенечките служби, автомобилот од засега непознати причини, прво удрил во заштитната ограда, а потоа во задниот лев дел од приколката на запрен камион. Камионот претходно застанал во просторот за запирање поради дефект.
-Според првичните сознанија, утврдено е дека 64 годишен државјанин на Босна и Херцеговина поради дефект, го паркирал товарното возило на лентата за застанување. Возачот на патничкото моторно возило, со италијански регистарски ознаки, кое се движело кон Копер, со десниот дел од возилото, најпрво ја закачил заштитната ограда, а потоа силно удрил во левиот дел од приколката. Во патничкото моторно возило, во тој момент пет државјани на Северна Македонија, со постојан престој во Република Италија. Лекар на крајот потврдил смрт на три лица, односно на 74 годишна патничка, како и на 4 и 11 годишни деца, изјави Петер Лебан, инспектор на ПС Копер.
Како што изјави Лебан, возачот уште на местото на несреќата бил тестиран со алкотест и со брз тест за наркотични средства. Резултатите биле негативни. Утврдено било дека двете деца не биле врзани со сигурносен појас. За возачот ќе биде поднесена кривична пријава.
„Секако, по завршувањето на постапката против возачот на патничкото возило ќе биде поднесена кривична пријава поради сторено кривично дело предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност“, изјави Петер Лебан, инспектор на ПС Копер.
Македонското МНР потврди дека настраданите се македонски државјани и велат дека се во постојан контакт со амбасадата во Љубљана.
-Во несреќата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Република Северна Македонија. Повредени се уште две лица кои се наоѓале во возилото и кои исто така се македонски државјани. Случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер. Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во комуникација со надлежните словенечки институции и го следи понатамошниот тек на постапката, велат од МВР.
Во автомобилот имало пет лица, сите македонски државјани. Лекарот констатирал смрт на три лица на местото на несреќата. Сопатничка, која има 33 години со хеликоптер била пренесена во болница, но според информациите од Словенија, е надвор од животна опасност. 39 годишниот возач, според словенечката полиција, имал ситни повреди. Несреќата била пријавена во 16:28 часот, по што на местото интервенирале полицијата и пожарникарите. Увидот го извршиле државен обвинител и истражен судија, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на истрагата.
