Три лица од гостиварското село Чегране се уапсени откако кај едниот од нив била пронајдена бела прашкаста материја, додека другите двајца, според полицијата, се обиделе со автомобил да ги удрат полициските службеници и им се заканувале по живот.
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, синоќа во 20:35 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Гостивар го уапсиле Х.С. (26) од Чегране.
При контролата на автомобилот „Мицубиши“, кој го управувал, била пронајдена и одземена одредена количина бела прашкаста материја.
Потоа, со судска наредба, бил извршен претрес и во неговиот дом, каде што исто така била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.
За време на полициските активности пред домот на Х.С., со автомобил „БМВ“ пристигнале В.Ч. (24) и А.Н. (35), двајцата од Чегране.
Според полицијата, тие се обиделе со автомобил да ги удрат полициските службеници, притоа заканувајќи им се и по живот, по што се оддалечиле од местото на настанот.
По преземените мерки, двајцата биле лоцирани и уапсени.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави.
