Бремените работнички од почетокот на пандемијата со корона вирусот се постојани жртви на нехуманиот и несoодветниот третман од страна на работодавачите во текстилната индустрија но и во приватниот сектор. Работничката со која тв21 стапи во контакт, а сакаше да остане анонимна, вели дека иако според Влада како бремена жена за време на пандемија била ослободена од работа со физичко присуство, сепак нејзиниот работодавач и ја намалил платата до 50 проценти.
„Според Владните мерки за бремени жени, оваа владина мерка ми следуваше и на мене. А тоа подразбира дека треба да бидеме дома и дека сме ослободени од работа поради вирусот. Тоа ми следување и на мене. За жал мене не ми следуваше тоа. Секој месец ми беше намалувана платата. Прво земав 80 проценти, па ми ја намалија на 60 и сега земам 50 проценти од платата. Едноставно не ми ги признава правата кои ми следуваат. Со уцени и навреди тераше да одам на работа.“.
Кристина Ампева од „Гласен текстилец “ потенцира дека за жал многу бремени жени во време на корона кризата го изгубија своето работното место и останаа без породилно отсуство. Таа потврди дека од почетокот на кризата со пандемијата, голем дел од бремените работнички беа повикани да се вратат на работното место.
„Им беше исплаќана плата многу помала од минималната 50 или 70 проценти бидејќи таквото отсуство се сметаше за оправдано. Меѓутоа тоа падна на товар на работодавачите а не на државата и буџетот“, вели Кристина Ампева.
Работодавачите правеле притисок на гинеколозите за да кажат дека се работи за паталошка бременост за да немораат да плаќаат плата бидејќи тие не се на работа. Има и такви кои што имаа договор на еден месец кој што сега веќе немаат право на породилно отсуство.
Ампева смета дека можеше многу подобро да се одигра цела оваа работа од страна на државата и да се помогне на приватниот сектор се со цел жените кога ќе се породат да не останат без егзистенција кога најмногу им треба. Таа додава дека државата во целиот овој период со пандемијата требаше да им даде помош барем за бремените жени и оние кои ги користеа мерките од страна на државата.
Од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања не добивме одговор за тоа дали владата со новиот пакет мерки планира да даде помош и за оваа категорија на работнички. Поради кризата, 7.000 лица останаа без работа во текстилната индустрија, а во 2020 година овој основ бележи раст од 123 отсто. За потсетување, Владата на Република Северна Македонија, согласно владина одлука, објавена во Службен весник, бремените жени ги ослободи од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место, до завршување на Пандемијата со КОВИД-19.
