Царината до октомври 2025 наплати околу 425 милиони евра акцизи, што е реализација од 73,9% од годишниот план. Ова е скоро 10 процентни поени помалку од тоа што би требало да се наплати за овој период. Инаку, според планот на Министерството за финансии за целата 2025 треба да се соберат 575 милиони евра, односно за да се стигне до планираното, во последните два месеца треба да се наплатат уште 150 милиони евра. Ако се задржи досегашната месечна динамика на наплата, можно е кај оваа ставка да недостасуваат 50 милиони евра на крајот на годината.
„Дали ќе ја стигнеме 100% наплатата по акциза која е детерминирана од Министерството за финансии не знам, тоа ќе го видиме на крајот. Дека имаме уште два месеци за калкулација и ќе излеземе со конечна бројка на 31 декември, односно наредната година. Затоа не би сакал сега да шпекулирам“, вели директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Инаку, од царина велат дека пратките со вредност под 22 евра што граѓани ги нарачуваат преку интернет, веќе подлежат на давачки при увоз. Појаснуваат дека наплатата е при царинење, според прописите кои важат на денот на увоз, дека процесот е транспарентен, а економските оператори се на време известени за да нема застои. Мерката е усогласување и со ЕУ – правилата и има за цел фер третман на домашната трговија.
„Не очекуваме намалување. Анализите покажуваат дека драстични намалувања не се очекуваат, а наплатата во буџет ќе се зголеми“, вели директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Инаку, измените на Законот за ДДВ со кои се укинува ослободувањето за пратки до 22 евра беа изгласани на 18 ноември 2025 и стапија во сила осум дена по објавата во „Службен весник“.
