Цената на златото достигна историски нивоа, но растот веројатно ќе забави до крајот на годинава. Според експертите, сепак, вреди да се размислува за инвестиција – особено како форма на заштита во време на нестабилност.
„Очекувањата се на повеќето инвестициски куќи, коишто до сега ги објавија прогнозите, дека доколку не се променат значајно условите, посебно во политичка смисла… дека во услови на геополитички тензии, нестабилности и високи нивоа на долгови, цената на златото во наредниот период, наредната година, се прогнозира да се движи во рамки од четири, па дури имаше и една храбра прогноза на Дојче Банк до 5.000 долари“, изјави Горан Марковски, главен извршен директор на КБ Инвест.
Освен глобалната нестабилност, уште еден фактор што ја турка цената нагоре се јавните долгови – особено на западните економии, кои одамна ги надминаа мастришките критериуми. Во вакви услови, се повеќе централни банки дел од девизните резерви претвораат во злато.
„И тоа е веројатно нешто што и во наредниот период, особено кога се имаат буџетските дефицити на повеќето земји, да биде еден од главните мотиви зошто токму златото да го вклучат во концепирање и водењето на политиката на девизни резерви“, изјави Горан Марковски, главен извршен директор на КБ Инвест.
Иако моменталната цена е висока, златото сè уште има своја улога – како заштита од ризик. Според Марковски, многу финансиски институции сметаат дека од првичните пет, сега златото може да биде и до 10 отсто од инвестициското портфолио или во поврзани инструменти – но со внимателен пристап.