Цените на нафтата над 87 долари

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 87 долари на меѓународните пазари во петокот, бидејќи трговците останаа внимателни пред преговорите за снабдување со водечките производители и ембаргото на ЕУ за руската нафта да стапи на сила.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше повисока за 37 центи од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 87,25 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 55 центи поскапо, по 81,91 долари.

На крајот на неделата трговците се фокусирани на состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници за производната политика.

Повеќето аналитичари очекуваат ОПЕК + да ја потврди одлуката за намалување на производството за два милиони барели дневно.

„Овонеделното закрепнување на цените донесе барел во Лондон близу до 90 долари и може да го намали апетитот кај раководството (ОПЕК+) за натамошно намалување на производството за поддршка на цените“, објаснува Стивен Бренок од PVM.

„Сепак, групата може да се определи и за превентивна мерка, со оглед на веројатно намалената кинеска побарувачка на нафта и ослободувањето на дополнителни барели од САД (стратешки резерви)“, забележува Бренок.

Во меѓувреме, владите на ЕУ привремено се договорија за ограничување на цената на руската нафта од 60 долари за барел, што треба да се прилагоди за пет отсто под пазарната цена, според дипломатски извори и документ што го видел Ројтерс.

Во четвртокот попладне руската нафта од Урал се тргуваше по цена од околу 70 долари за барел.

Лимитот сè уште не е официјално одобрен, забележа Ројтерс, цитирајќи дипломат на ЕУ дека Полска не потврдила дека ќе го поддржи. Варшава побара многу пониска граница. Механизмот треба да се активира на 5 декември, кога стапува на сила ембаргото на ЕУ за руската нафта.

Поради ембаргото на ЕУ, руското производство би можело да се намали за 500.000 до 1 милион барели дневно на почетокот на следната година, изјавија два извори од големите руски производители.

Денеска ОПЕК одделно објави дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки во четвртокот пораснала за 1,26 долари, на 84,39 долари.