Цените на нафтата паднаа по силниот скок вчера

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цените на нафтата денеска паднаа во азиската трговија, бидејќи учесниците на пазарот ги намалија премиите за ризик што се зголемија по нападот на Иран врз Израел, за кој Тел Авив рече дека не предизвикал сериозна штета, објави Ројтерс.

Северноморските фјучерси на брент, репер за европскиот пазар, за испорака во јуни изгубија 24 центи на 90,21 долари за барел.

Фјучерсите на американската лесна сурова нафта паднаа за 38 центи на 85,28 долари за барел.

Иранскиот напад, извршен со повеќе од 300 проектили и беспилотни летала, беше прв против Израел од страна на една земја во регионот по повеќе од 30 години и ги зголеми стравувањата од голем регионален конфликт. Тоа уследи по ракетниот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск во кој загинаа 7 високи ирански воени лица. Израел ниту демантираше, ниту потврди дека стои зад нападот.

Воениот кабинет на Израел најави одмазднички напад против Иран, но САД соопштија дека нема да учествуваат во таков напад, а повеќето земји ширум светот, вклучително и арапските соседи на Израел и генералниот секретар на ОН, повикаа на воздржаност.

„Иранските напади се чини дека се од доволен обем за да се сметаат за одмазда за смртта на иранскиот воен персонал во Сирија без потенцијал да предизвикаат голем регионален конфликт“, рече аналитичарот на IG market, Тони Сајкамор во белешката до клиентите.

Во петокот, цените на нафтата се искачија на највисоките нивоа од октомври во очекување на иранскиот напад, но сепак паднаа за 1 отсто во текот на неделата откако Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ја намали прогнозата за раст на побарувачката на сурова нафта во текот на годината.