Цените на нафтата паѓаат, фокусот е на САД и ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари кон 68 долари, поради стравувањата на инвеститорите дека трговскиот конфликт меѓу САД и ЕУ би можел да ја намали економската активност и побарувачката за енергија.

На лондонскиот пазар, цената на барел попладне беше за 87 центи пониска од вчерашното затворање, на 68,68 долари.

На американскиот пазар, барел за испорака во август чинеше 66,32 долари на последниот ден од тргувањето, што е намалување за 88 центи. Барел за испорака во септември се тргуваше за 52 центи пониско, на 65,43 долари.

ЕУ и САД во фокусот

Трговците се фокусираа на приближувањето на рокот за трговски договор меѓу ЕУ и САД во вторник. Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека, доколку не се постигне, ќе воведе царини од 30 проценти за стоките од ЕУ од 1 август.

ЕУ разгледува широк спектар на можни контрамерки бидејќи шансите за прифатлив договор со Вашингтон се намалуваат, изјавија дипломати од ЕУ. Цените на нафтата беа поддржани во вторник од послабиот долар, што подразбира поголема куповна моќ за инвеститорите со други валути и ја зголемува побарувачката.

Цените паднаа „бидејќи стравот од трговска војна ја надмина поддршката за послаб (долар)“, напиша Тони Сикамор од IG во белешка. Значителен пад на цените на нафтата беше спречен и од повисоките маржи за дестилатите поради ниските залихи, забележуваат аналитичарите.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека барел од кошничката за нафта на нејзините членки падна за 32 центи на 70,65 долари во понеделник.