Црквата во Центар 10 години таложи долгови, Јорданова: МПЦ ја има обврската да ја догради и да ги исплати долговите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со години црквата Свети Константин и Елена во центарот на Скопје стои недоградена со кранот покрај камбанаријата и не се знае што ќе се прави со неа понатаму. Неа почна да ја гради фондацијата свети Цар Константин но поради тоа што западна во долгови се откажа.


Во ноември 2012 година овде пред платото на Домот на Армијата започна изградбата на црквата Свети Константин и Елена. Црквата требаше да биде готова за три години. Но и до ден денеска таа е оградена со лимена ограда и нема најава дека работите ќе продолжат.


Во септември минатата година директорката на болницата Ремедика Елица Јорданова, која е и сопруга на бизнисменот Минчо Јорданов го презеде црковниот храм и долговите од околу 4 и пол милиони евра што беа направени кон Бетон кој ги изведуваше работите. Јорданова за ТВ21 вели дека сите обврски ги има Македонската православна црква.


„Црквата си е на Црквата таа ќе си ја отплаќа на рати и тие ќе ги преземат обврските и се што треба во врска со неа. Се е во тек, договорено е уште кога јас ја презедов, тие да ги продолжат работите односно да ја доизградат. 10 години Бетон бара да и се плати за она што го работеше, но изведувачите и подизведувачите си тужеа си добија, а Бетон остана во долгови“, вели Јорданова.


Досега ниту еден градоначалник на Скопје не се ангажираше да се помрднат работите од мртвата точка. За ова побаравме и став од градоначалничката Данела Арсовска но одговор не добивме. Изградбата на црквата ја следат контроверзи, најпрво преку продажбата на државното земјиште на МПЦ кое го купило по неверојатно ниска цена од 1.800 денари за метар квадратен, а потоа и преку одржаните собири на бизнисмени но и банкари од кои се бараше да донираат пари и на тој начин да се финансира градењето. Беа одржани три донаторски конференции организирани од тогашниот премиер Никола Груевски при што се собраа околу 2 милиони евра.