Пред неколку дена е извршена кражба во главната црква во Кичево “Св. Петар и Павле“. Оваа црква е мета на крадци речиси секоја недела, а вакви кражби се случуваат многу често низ црквите во Кичево.
Најчесто крадците влегуваат како верници кои сакаат да се помолат а во меѓувреме ги крадат парите кои се оставени кај иконите од верниците.
Свештеникот Александар Матески од храмот Св. Петар и Павле вели дека за жал свеста кај граѓаните е многу ниска и дека ова што се случува не е во ред. Затоа се принудени да постават безбедносни камери.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски вели дека се запознаени со ваквите случаи на кражби. Некои се откриени и сторителите се казнети а се работи на расчистување на останатите случаи.
Во општина Кичево како што рече свештеникот има над 70 цркви кои функционираат во населбите и селата. Мета на крадци се и црквите и манастирите кои се на периферијата на градот покрај регионалните патишта, од каде што се крадат пари и икони, но најголема штета се предизвикува кога крадците ги уништуваат вратите и прозорците на црквите.
Свештеникот Матески ги замолува тие кои што крадат, подобро да се обратат во црквата и да побараат пари и помош отколку да крадат и да бегаат.