Црна Гора од вечерва ги затвора границите за странски државјани, освен за тие со постојан или привремен престој во Црна Гора, со цел да се спречи пандемијата на коронавирус.
Исто така, ќе бидат затворени сите угостителски објекти, трговски центри, детски игротеки и обложувалници, одлучи вечерва Националното координативно тело за борба против заразни болести, пренесува РТВ Будва.
Вицепремиерот Милутин Симовиќ на прес-конференција рече дека сообраќајот на стоки за потребите на Црна Гора, како и за транзит, останува непречен, со посебни мерки на здравствена и санитарна контрола. Тој исто така прецизираше дека забраната за влез во Црна Гора не се однесува на странци кои управуваат со моторни возила кои превезуваат стоки.
Симовиќ повтори дека Црна Гора никогаш нема да ги затвори границите за своите граѓани.
„Напротив, посебно внимание и грижа ќе бидат насочени кон грижата на нашите граѓани, студенти, наши деца, кои, заради ситуацијата во другите земји, мораат да се вратат во своите домови“, рече Симовиќ.
Меѓу мерките донесени денес од Националното координативно тело се задолжителната самоизолација за сите црногорски граѓани и странци, за кои не важи забраната за влез, на 14-дневна забрана за влез од странство.
Се забрануваат угостителските услуги во хотелите, освен за пријавените гости. Од вечерва ќе бидат затворени дискотеките и ноќните клубови, угостителските објекти, освен оние кои доставуваат храна и овозможуваат нејзино преземање, со забрана за престој на гости во тие објекти.
Се ограничува и бројот на потрошувачи во однос на површината во продажните објекти.
Симовиќ рече дека новите мерки стапуваат во сила вечерва, тие се привремени и ќе бидат спроведени во наредните 15 дена. Тој истакна дека сите мора да ги почитуваат мерките.
Националното координативно тело претходно ги забрани сите јавни собири во Црна Гора, а од понеделник, најмалку 15 дена, сите образовни институции ќе бидат затворени.
