По обилните врнежи кои го зафатија поголемиот дел од државата, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека ситуацијата постепено се стабилизира, но на терен и понатаму се евидентираат поплавени површини, оштетена инфраструктура и отежнат сообраќај на повеќе локации.
Пелагонија најпогодена
Во пелагонискиот регион, водата полека се повлекува на подрачјето на Битола, Могила и Новаци. На реката Црна кај селото Новаци во 18 часот е измерено ниво од 320 сантиметри.
Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка река затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Реките се вратени во коритата, но Црна сè уште се излева во атарот на селата Жван и Единаковци каде се поплавени земјоделски површини.
Во Ресен евидентирани се поплавени ниви од поројни води. Во текот на денот интервенирано е со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Проблеми во југозападниот регион
Во Охрид на реката Сушица е изграден заштитен насип, што спречи дополнително излевање. Сепак, остануваат поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Во струшките населени места Мислешево и Калишта поплавени се дворови и обработливи површини, а санацијата е отежната поради немање пропуст за истек на водата.
Во Дебар водостојот на реката Радика е зголемен, но засега без опасност од излевање. Патиштата се проодни, со помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга кои редовно се расчистуваат.
Кичево со најмногу последици во западниот регион
Во кичевско, водостоите на Зајашка и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Тековно се врши чистење и дезинфекција на поплавени домови, а евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Вардарски и североисточен регион со зимски услови
Во кавадаречко, механизација интервенирала на повеќе ридски и планински патни правци каде снежната покривка достигнала до 15 сантиметри.
Во Ранковце патот П’клиште – Герман е непрооден поради снежни наноси и е во тек расчистување. Сообраќајот од Герман кон П’клиште се одвива отежнато поради кашест снег.
Одрони во Полошко
Во Тетово на патот кон с. Бањиче била падната голема карпа, но коловозот е расчистен и сообраќајот нормализиран.
Во Гостивар е евидентиран одрон на патот кон Маврово, кај каменоломот, каде се работи на расчистување.
