Суд во Тунис осуди 56-годишен маж на смрт поради објави на социјалните мрежи во кои го критикува претседателот Каис Саид, пресуда без преседан што предизвика јавен шок и осуда.
Шефот на Туниската лига за човекови права и адвокатот на осудениот ја потврдија веста во петок, објави Ројтерс.
Осудениот, Сабер Чушан, надневен работник со ограничено образование, беше уапсен минатата година поради објави на Фејсбук во кои го критикуваше претседателот.
„Судија во судот во Набел осуди човек на смрт поради објави на Фејсбук. Тоа е шокантна и без преседан пресуда“, изјави неговиот адвокат Усама Бутаља за Ројтерс, додавајќи дека пресудата е обжалена.
Министерството за правда сè уште не го коментираше случајот.
Иако туниските судови повремено изрекуваат смртни казни, ниту една не е извршена повеќе од три децении.
Пресудата предизвика бран критики
Семејството на осудениот е во неверица. „Не можеме да веруваме“, рече братот на Сабер, Џамал Чушан. „Ние сме семејство кое страда од сиромаштија, а сега на сиромаштијата ѝ се додадени угнетување и неправда.“
Пресудата веднаш предизвика бран критики и потсмев на социјалните медиуми. Многу активисти и граѓани веруваат дека станува збор за намерен обид за заплашување на критичарите на претседателот Саид и предупредуваат дека ваквите драстични мерки би можеле дополнително да ја задушат слободата на изразување и да ги продлабочат политичките тензии во земјата.
Откако претседателот Саид го распушти избраниот парламент во 2021 година и почна да владее со декрет, Тунис се соочува со зголемени критики од организациите за човекови права за ерозија на независноста на судството.
Опозицијата го нарече преземањето на власта од страна на Саид државен удар, а повеќето опозициски лидери, кои претседателот ги етикетира како предавници, се во затвор по разни обвиненија.