Туризмот со позитивен тренд: Странските посети пораснаа за речиси 5 проценти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонскиот туристички сектор во првите пет месеци од 2026 година бележи умерен раст, кој главно се должи на зголемениот број странски посетители, додека интересот кај домашните туристи продолжува да опаѓа.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – мај годинава вкупниот број туристи е зголемен за 2,6 проценти во споредба со истиот период лани. Притоа, бројот на домашните туристи е намален за 4,4 проценти, додека кај странските е регистриран раст од 4,9 проценти.

Позитивен тренд има и кај бројот на остварените ноќевања. Во првите пет месеци од годината тие се зголемени за 1 процент во однос на истиот период во 2025 година. Кај домашните гости е евидентиран пад од 4,1 проценти, а кај странските е забележано зголемување од 3,3 проценти.

Статистиката покажува дека најголем број странски туристи во овој период пристигнале од Турција – 34.681. Следуваат Германија со 9.578 туристи, Србија со 7.605 и Бугарија со 4.858 посетители.

Податоците укажуваат дека странските гости и натаму се главниот двигател на растот на туристичкиот промет во земјава, додека домашниот туризам бележи негативен тренд и во бројот на посетители и во бројот на реализирани ноќевања.