Турканици пред шалтерите на МВР – долго се чека за лични документи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Турканици пред шалтерите на МВР кај МРТВ каде се вадат патни исправи. Иако имаат закажан термин, граѓаните чекаат ред со часови. Пандемијата и топлото време се причина за уште поголема нервоза кај оние кои чекаат да се сликаат за пасош, лична карта или возачка дозвола.

„Имам термин за овде. Овој од каде да знам што има. Јас не се расправам. Зошто да се расправам. Тогаш го закажале терминот. Не оди вака. –Вие за пасош сте дојден? Да, за пријателка. Така ми рекоа, термин добив пред месец и пол“, вели граѓанин.

„Чекам половина час“.

–За што чекате?

„За дозвола. Истечен е рокот“, додава друг граѓанин.

Полицијата се обидуваше да ја смири ситуацијата кажувајќи им на граѓаните колку лица можат да влезат за сликање.

„Ако имате термин денеска или од пред некоја недела, влегуваат само по пет лица за да не се прави гужва. Не можете да влезете во друга кабина. Само во кабина 6. Колега,ќе ти пратам пет лица нека се сликаат. Влезете и чекајте. Кабина 5 и 6“.

Албанската опозиција обвинува за лошо менаџирање велејќи дека вака се загрозува и здравјето на граѓаните.

„Од тоа што се гледа овде, има долги редици граѓани, на високи температури чекаат по 3 и 4 часа за да аплицираат за лични документи. АА пред неколку дена го пријави овој случај во МВР со апел да се преземе нешто за да се избегнат овие долги редици особено на високите температури последниве денови“, вели Шефик Дураку.

Од МВР ги негираат информациите дека нема пасоши и појаснуваат дека само во одреден период од денот се создава гужва.

„Во одреден дел од денот имавме навалица на поголем број на луѓе кои што имале термин во четврток и петок и доаѓаат да го исполнат своето право за сликање за пасош. Сакам да упатам јасна порака до граѓаните, Пасоши има. Не наседнувајте на лагите кои што одредени политичари од опозицијата и одредени портали ги шират. Пасоши има во доволна количина и секој граѓанин кој аплицирал за пасош соодветно ќе добие“, посочи Тони Ангеловски.

Реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, Велат дека ваквата состојба настанува поради неодговорноста на МВР.