Турски Башакшехир ја раскина соработката со израелски фудбалер

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Турскиот прволигаш Башакшехир соопшти дека ја раскина соработката со израелскиот фудбалер Еден Карзев поради неговата порака објавена на социјалните мрежи во која повика на ослободување на заложниците кои Хамас ги држи во Газа.

Одлуката на Башакшехир доаѓа само неколку денови откако израелскиот фудбалер во редовите на Анталијаспор Сагив Јехезкел кратко време беше приведен во Турција и испрашуван поради наводно поттикнување омраза, откако на теренот изрази солидарност со израелските заложници во Газа.

Јехезкел во понеделникот се врати во Израел.

Карзев, исто така, вчера на кратко беше испрашуван во полициска станица во Истанбул поради објава на социјалните мрежи со порака „веднаш вратете ги (заложниците) дома“.

Башакшехир веднаш поведе дисциплинска постапка против Карзев.

„Во согласност со дисциплинските упатства до клубовите. Фудбалерот е казнет и најдобро е кариерата да ја продолжи во странство“, соопшти турскиот клуб.

Постапките на двајцата израелски фудбалери се сметаат како поддршка на израелската офанзива во Газа, иако обајцата објавија пораки во кои повикуваат на крај на војната со Хамас, која почна на 7 октомври со напад на милитантната група на југот на Израел.