Турција: Три танкери во Црното Море нападнати со дронови

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Во близина на северниот брег на Турција во Црното Море се пријавени напади со дронови врз три танкери, соопшти турската поморска агенција Трибека.

Танкерот „Џејмс II“, кој плови под знамето на Палау, бил нападнат околу 80 километри северно од областа Туркели во Црното Море. Танкерите „Алтура“ и „Велора“, кои пловат под знамето на Сиера Леоне, биле нападнати во истата област за време на операции за префрлање на товар.

Според Tribeca, турски бродови се испратени на местото на инцидентот за да помогнат. Од нападите нема повредени членови на екипажот, а танкерите се во добра состојба.

Пристаништата и танкерите се честа цел на напади од Москва и Киев од почетокот на руската инвазија врз Украина пред повеќе од четири години. Досега ниту Русија ниту Украина не се огласиле во врска со инцидентите.

И турското Министерство за транспорт не беше достапно за коментар, бидејќи инцидентите се случиле за време на муслиманскиот празник Курбан Бајрам.