Утре, во Истанбул ќе се одржат трилатерални средби наместо мировни преговори што требаше да започнат меѓу делегациите на Русија и Украина во турскиот мегалополис, изјави вечерва извор од турското Министерство за надворешни работи.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан вечерва во Долмабахче палатата се сретна со руската делегација предводена од Владимир Медински, советник на претседателот Владимир Путин.
„Средбата заврши“, објави министерството без да даде детали.
Утре трилатерални преговори
Но, разговорите меѓу Русите и Украинците не се започнати и ниту една од страните не можеше да потврди дека тие ќе се одржат утре.
Наместо тоа, според турското министерство, ќе има „уште една серија состаноци во различни формати“.
„Трилатерални преговори меѓу САД, Украина и Турција“ од една страна и меѓу „Руската Федерација, Украина и Турција“ од друга страна се на дневен ред, рече изворот.
„Не е сигурно дека состанокот ќе се одржи во квадрилатерален формат (САД, Русија, Украина, Турција)“, беше наведено.
Зеленски имаше долг состанок со Ердоган
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес имаше долга средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара и изрази надеж дека разговорите со руската страна ќе започнат денес.
Американскиот државен секретар Марко Рубио најави средба со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиг и средба меѓу „низок американски функционер“ и руски претставници.
Рубио изрази надеж дека Турција, земјата домаќин, ќе ги собере и украинската и руската делегација.
Но, денес тој рече дека „искрено кажано“ нема „големи очекувања“ од разговорите меѓу руската и украинската делегација.
