ТВ 21 дознава: Ќе се раскине договорот со „Енергоинвест“ од Сараево за изградба на далекуводот со Албанија. МЕПСО веќе се во консултации со Владата и се чека конечната одлука која најверојатно ќе биде раскинување на договорот со босанската фирма вреден 17 милиони евра. Токму првата тема во емисијата Бизнис 21 – беше истражувањето каде завршија 50 милиони евра за енергетско поврзување со Албанија?! Како после10 години ветувања, и 50 милиони евра обезбедени уште во 2015 година, денеска добивме финансиска дупка и стратешки проект во целосен застој.
Интерконективниот далекувод со Албанија стана тема и на пратеничките прашања во Собранието. Премиерот Христијан Мицкоски, од говорницата уште на крајот на ноември навести поништување на договорот и обвини за криминал од епски размери.
„Далновод, кој што требало да ја поврзе Македонија со Албанија. Далновод, нели Албанците, ние. 50 проценти донесена опремата, две дупки, две стопи ископани за далноводи и 6 милиона во џеб. И сега треба ние да го поништуваме тоа и ние да го плаќаме“, вели Христијан Мицкоски.
Истражувањето на Бизнис 21 од терен откри дека заглавен е едниот дел од проектот – далекуводот Битола 2 –Елбасан. Наместо веќе изграден далекувод, на терен најдовме само пуста ливада. Опремата пак која била донесена со години стои во депо на земја. Компанијата Енергоинвест од Сараево, и покрај пробиените рокови, бараше дополнителни 7 до 8 милиони евра Анекс на договорот. Откривме и дека подизведувач на Енергоинвест во 2021 година е компанија на бизнисменот Нефи Усеини, познат за јавноста како тогашен советник во Општина Охрид кој заработи обвиненија за насилство и бесправно градење.
На другиот дел од проектот, Трафостаницата близу Охрид работите се одвиваа со забрзана динамика. Таму изведувач е Кончар од Загреб кој го доби тендерот од 17 милиони евра. Истражувањето покажа дека пролетва компанијата доби и Анекс со дополнителни 3 милиони евра.