ТВ21 предизборно во Пласница – жителите се двоумат дали да гласаат во време на Ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

13-ти декември е ден за гласање во Пласница. Жителите на ова место ќе гласаат за градоначалник на предвремени локални избори, бидејќи досегашниот градоначалник Исмаил Јахоски стана пратеник. ТВ21 ја посети оваа општина за да ја види предизборната атмосфера и да ги прашаме жителите дали ќе излезат да гласаат во време на пандемија.

„Се уште не знаеме како ќе одлучат луѓето, дали ќе излезат или не. Мислам дека ако се почитуваат сите мерки, народот ќе излезе да гласа“

„Тие треба професионално да одлучат, ако одлучат и ако има можност да се гласа, да се држи дистанца, маски, јас ќе излезам“

„Да, ќе излеземе, како секогаш. Има добри услови, треба да се среди уште нешто, немаме водовод во населбава, потребен е водовод и се да биде во ред.“

Во општина Пласница право на глас на 13 декември ќе имаат 5.045 граѓани. Во моментов вршител на должност градоначалник на општината е Елсан Нурќески.
И оваа општина е погодена од Ковид-19, иако граѓаните велат дека ги почитуваат заштитните мерки.

„Во Пласница ги почитуваме мерките и мислам дека секој треба да се се плаши и да ги почитува мерките“

„Сите надлежни, епидемиолози, инфектолози констатираат дека постои вирус и веруваме дека постои тој вирус и мерките што се преземаат ги почитуваме и треба да ги почитуваме.“

„Не се плашиме бидејќи ние работиме на отворено и нормално работиме.“

Нема точни бројки на заразени во оваа општина, бидејќи некои од жителите се тестирани во болницата во Кичево а некои во Македонски Брод.

Инаку на 13 декември избори за градоначалник ќе се одржат и во Штип бидејќи досегашниот градоначалник Благој Бочварски е избран за министер за транспорт и врски. Право на глас во Штип имаат 39.564 граѓани.