Кујтим Фејзули е еден од напаѓачите во Виена. Тој потекнува од тетовското село Челопек, а со семејството живее во главниот град на Австрија. Екипата на ТВ21 денеска го посети домот на неговите родители.
-Се наоѓаме во селото Челопек, токму пред куќата на Кујтим Фејзули, кој е еден од напаѓачите. Се обидовме да стапиме во контакт со роднини на семејството Фејзули, но никој не сакаше да говори пред камера. Велат дека Кујтим во последно време покажувал знаци на агресија и бил одвоен од останатите членови од семејството. Тој често ги посетувал роднините во Македонија како во текот на летото, така и во зимскиот период.-јавува репортерот на ТВ21.
Никој во селото не сака да зборува за случајот. Отидовме до куќата на дедото на Кујтим, кој рече дека пред два месеца ја посетил ќерка си во Австрија и дека Кујтим живеел во стан одвоен од своето семејство. Како што раскажува, неговиот внук постојано го посетувал родното место на неговите родители. Кујтим беше и во затвор, рече дедо му, не сакајќи да открива повеќе детали. Се обидовме да стапиме во контакт и со таткото на Кујтим, но неговиот телефон беше исклучен.
Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, го обелодени името на убиениот терорист – Кујтим Фејзули, кој на 25 април минатата година бил осуден на затворска казна од 22 месеци поради тоа што се обидел да замине во Сирија и да ѝ се приклучи на Исламската држава.
Фејзули бил ослободен условно на 5 декември истата година, бидејќи врз основа на неговата возраст спаѓа во групата на полесно законодавство за помлади прекршители.
Инаку, меѓу убиените во терористичкиот напад во Виена е и Неџип Вренези, 21-годишник од Велешта, струшко. Во моментот на нападот тој бил излезен на кафе со пријателите.
