Тврдат дека земаат малку пари! Нотарите бараат поскапување на услугите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нотарите бараат зголемување на дел од тарифите, кои, како што велат, не се променети повеќе од 25 години. Методија Ристовски од Комората на нотари даде пример за потврдување на приватен документ за солемнизација во вредност од 500.000 денари – за што, според него, адвокатот добива 3.900 денари, а нотарот само 2.000 денари. Се жали и за јавни услуги како заверка на сметки за вода, струја итн. Според Комората, за фактура од 3.000 денари, нотарот зема 300 денари, а адвокатот 1.300 + ДДВ.

Како дел од проблемот, тие ги посочуваат законските измени кои дозволуваат укинување на коефициентот за нотари по глава на жител и бараат да се врати како што беше претходно: да има најмалку еден нотар на 20.000 граѓани.

Претседателот на стручниот совет при комората, Марјан Коцевски, се жали и на законските измени од 2016 година, со кои се воведе задолжително учество на адвокати во постапките пред нотар, со што нотарските тарифи се поделија. Како пример го наведе Куманово, каде според бројот на жители треба да има 7 нотари, а сега има 14.

Според нотарските податоци, во 2000 година имало само 100 нотари, а сега, во 2024 – 220 сертифицирани нотари на државно ниво. Од Комората велат дека во Скопје соодносот по жител е двојно над дозволеното . Според официјалните податоци за 2024, Скопје има 616.000 жители и 66 нотари. Како пример за најниските цени нотарите истакнаа дека заверка на потпис во Македонија чини 1.63 евра, во Србија 2.56 евра, во Хрватска 7 евра, во Албанија 18,8 евра, а во Бугарија 5,12 евра.