Убиството на 42-годишник во Тетово: Обвинителството и полицијата продолжуваат да собираат докази

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Ова е областа каде што во текот на синоќешните часови беше пронајден починатиот 42-годишен А.Б. од Тетово. Се сомнева дека бил застрелан, а и денес продолжуваат истрагите во потрага по дополнителни траги“, пренесува репортерот на ТВ21, Сенат Зилбехари.

Телото на 42-годишниот маж било пронајдено од жители на селото во близина, кои забележале паркирано возило со починато лице во него. Веднаш на местото излегле надлежните служби, а според тетовското обвинителство, полицијата веќе добила насоки за целосно расчистување на случајот.

Извршен е увид на местото на настанот, дадени се насоки и наредби со цел откривање на сторителите, поради сомнение дека смртта е резултат на кривично дело. Дадена е наредба за обдукција, наредба за повлекување на возилото и други траги од местото на настанот кои ќе бидат предмет на вештачење, наредба за обезбедување снимки од безбедносни камери и други докази. Постапувањето е во тек согласно наредбите, велат од ОЈО Тетово.

За починатиот, семејството претходниот ден пријавило дека е исчезнат.

Според информации на ТВ21, полицијата работи по две можни насоки за да ги идентификува сторителите.