Бојадисано, нацртано, но во суштина од темелите до кровот се распаѓа. Ова е објектот на училиштето „Милто Гура“ во кичевското село Црвица. Ова школо е изградено во ’70-те години од страна на жителите на селото и оттогаш многу генерации учеле во овој објект. Директорот Кујтим Касами вели дека во 2017 доставиле барање до МОН за изградба на нов објект, но надворешниот дел на објектот не е реновиран.
„Ние не сме фокусирани многу на надворешниот дел бидејќи сакаме и се надеваме еден ден да имаме нов училиштен објект во таа населба, фокусот секогаш ни бил објектот да се одржува, да се чисти, да има греење и интернет и навистина внатре објектот ги исполнува условите за настава во две смени.“, вели Касами.
Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари вели дека изработен е проект за ова училиште и испратен е во МОН од каде очекуваат одобрување на истиот.
„Општината изработи проект, има дозвола за изградба на проектот. Аплициравме и се надевам да успееме до крај на годината или почетокот на идната за започнеме со изградба на школото. Секако во условите во кои е сега училиштето можат да кажам дека ги исполнува сите стандарди за одржување на наставниот процес“, изјави Дехари.
Жителите на ова село со години бараат изградна на училиште. Во ова школо настава следат 43 ученици од прво до деветто одделение, во две смени.