Европската фудбалска унија (УЕФА) ги охрабрува репрезентациите кои ќе учествуваат на Европското првенство во Германија во 2024 година, наместо со авион, на натпреварите од групната фаза да патуваат со автобус или воз, за да се намали емисијата на штетни гасови.
УЕФА сака претстојното Европско првенство да биде „најодржливото Европско првенство на сите времиња“.
Натпреварите во групната фаза се организирани по регион за да се фаворизираат копнените патувања, објави Би-Би-Си.
Исто така, на навивачите ќе им бидат понудени намалени цени за билети за воз и бесплатен јавен превоз.
Од согорувањето на горивото, авионските летови произведуваат јаглерод диоксид и придонесуваат за климатските промени, па затоа УЕФА се надева дека ќе ги убеди тимовите да не преземаат летови на кратки релации за време на групната фаза.
Натпреварите ќе бидат поделени од УЕФА на три региони на север, запад и југ од земјата, што значи дека патувањето со железница или пат ќе биде попогодно.
Тоа може да се промени доколку репрезентациите се пласираат во нокаут фазата, а тие натпревари се играат на другиот крај на земјата.
