Уставниот суд укина деловите од Методологијата за Пописот од 2021 година, со што нема повеќе да има „резидентно“ и „нерезидентно“ население, со образложение дека оваа одредба не е во согласност со основната вредност на нашиот уставен поредок – владеење на правото. Според Уставниот суд, одлуката нема да има ретроактивно дејство за веќе спроведениот попис во 2021 година.
„Директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување. Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021 г. предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт“, велат од Уставен суд.
Од судот објаснија дека, бидејќи се работи за укинувачка, а не поништувачка одлука, таа ќе се применува од моментот на објавување во Службен весник. Вицепремиерот, Арбен Фетаи тврди дека ќе се разгледаат сите импликации направени при распределбата на блок-дотации на општините, чие население главно живее во дијаспората, но не беше вклучено во последната буџетска распределба.
– Имајте предвид дека одлуката на Уставниот суд беше објавена вчера, денеска е првиот ден по таа одлука и во наредните денови ќе треба да се консултираме во рамките на владината коалиција и да размислиме за последиците од оваа одлука. Ќе бидете информирани во наредните денови. Во однос на Нацрт-законот за правична и соодветна застапеност, тој не е директно засегнат од оваа одлука на Уставниот суд, бидејќи поделбата на целокупното население на категории резиденти и нерезиденти не постои во ниту еден од законите на нашата земја, додека сме сигурни ова прашање да остане отворено-изјави Фетаи.
Премиерот Мицкоски стои зад предлогот, за да не се оспори правото на глас на граѓаните што живеат и работат во дијаспората, да се воспостави една изборна единица. Тој дури рече дека и пописот на населението треба да се спроведе преку онлајн и вкрстување на податоци од различни бази на институции, додека само 10% од населението што останува, да се евидентира на терен.
Прашањето за пресметка на правична и соодветна застапеност ќе се регулира со подзаконски акт – методологија за правична и соодветна застапеност, која треба да ја усвои координативното тело што ќе се формира по донесувањето на законот во Собранието. По усвојувањето во Владата, овој нацрт-закон се очекува да биде испратен до Венецијанската комисија за мислење во текот на следната недела, по што ќе продолжи постапката во Парламентот.