Кралски ѓердан со 673 дијаманти е украден од Музејот за применета уметност (MAK) во Виена. Две лица успеале вчера да го украдат накитот, кој тежи вкупно повеќе од 200 карати и ѝ припаѓал на египетската кралица Назли.
Кражбата се случила во четвртокот, додека музејот бил отворен за јавноста. Според полицијата, две непознати лица ја скршиле стаклената витрина во која се наоѓал накитот, го украле и потоа побегнале пеш. Властите објавија фотографии од двајцата осомничени, кои во музејот биле облечени во црно, како и фотографија од украдениот накит.
Назли го носела ѓерданот во 1939 година, на свадбата на нејзината ќерка, принцезата Фавзија, со тогашниот престолонаследник на Иран, Мохамад Реза Пахлави, кој подоцна стана шах на Иран.
Истиот ѓердан бил продаден на аукција во Њујорк во 2015 година за околу 4,3 милиони долари, според „Сотби’с“.
Австриските власти продолжуваат со истрагата за пронаоѓање и апсење на двајцата осомничени, како и за враќање на украдениот накит.
