Украина ги одби условите од Путин за мировни преговори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украина нема да ги прифати условите за почеток на преговорите за завршување на војната што ги претстави рускиот претседател Владимир Путин, изјави советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак.

Тој го отфрли предлогот на Путин, оценувајќи дека тоа не е сериозен обид за постигнување мировен договор и дека не е релевантен за никакви преговори.

Подољак додаде за Ројтерс дека „нема можност да се најде компромис“ за изјавите на Путин и условите за крај на војната што ги претстави на Украина.

Денеска Путин изјави дека Украина мора да ги повлече своите трупи од целата територија на новите руски региони и да се откаже од намерата да влезе во НАТО за да започнат мировните преговори.

Тој изјави дека украинските војници ќе мора да се повлечат од териториите на Луганската Народна Република, Доњецката Народна Република, Херсон и Запорожје.