Висок украински функционер потврди дека Киев ја поддржува суштината на мировниот договор предложен од Соединетите Американски Држави. Оваа потврда доаѓа по состанокот на американските и украинските претставници одржан минатиот викенд во Женева, пишува Ројтерс.
Соопштението од Киев дојде како одговор на медиумските извештаи дека Украина веќе се согласила со американскиот предлог, чии детали сè уште не се објавени.
Британскиот премиер Сер Кир Стармер изјави дека има значителен напредок во однос на мировниот предлог за Украина, истакнувајќи дека Киев предложил „некои конструктивни промени“. Стармер ги даде забелешките за време на виртуелен разговор со таканаречената „коалиција на добронамерните“.
Според него, постои оптимизам дека наскоро би можел да се постигне договор, а со позитивните оценки се согласува и украинскиот претседател.
„Мислам дека се движиме во позитивна насока и денешните индикации се дека во голема мера поголемиот дел од текстот, како што укажува Володимир, може да се прифати“, рече Стармер.
