Годинава општина Куманово не беше украсена за новогодишните празници со образложение дека средствата предвидени за украсување ќе бидат пренаменети за набавка на електронски уреди за учениците. Учениците пак, со помош на младите од Општинскиот совет, го украсија градот на посебен начин, користејќи што е можно повеќе биоразградлив материјал за заштита на средината.
„Одлучивме да го разубавиме градот. Повеќето украси се потрудивме да ги направиме од рециклирачки материјал со цел да ја заштитиме животната средина во нашиот град“, вели ученичка.
„Оваа активност ни помага нам учениците за барем малку да придонесеме за нашето место, за украсување на нашиот град. За мене беше задоволство да работиме заедно и да ја покажеме нашата креативност“, посочи ученичка.
Освен украсите, на новогодишната елка беа закачени и пораки, идеи и барања на младите од Куманово, кои потоа ќе бидат разгледани во Советот на општината.
Според младите од советот, оваа иницијатива ќе послужи и за обединување на младите.
Некои од барањата кои беа испишани и успеавме да ги прочитаме беа: изградба на кина и спортски сали, велосипедски патеки, работа и ангажирање на младите.
