Во септември 2020 година требаше да отпочнат активностите за санирање на улиците во кичевското село Другово, кои беа речиси целосно уништени и со дупки. Дека улиците се во незавидна состојба призна и самиот градоначалник на општината, Фатмир Дехари.
„Мислам дека од овој месец, односно од септември до јуни следната година, не само една улица која е приоритетно барање, туку и неколку други улици“, вели Фатмир Дехари.
Ова ветување беше дадено во 2020 година, но иако влеговме во 2022-ра, состојбата во селото Другово, кое се наоѓа на само 2 км од градот, и понатаму е иста од последниот пат кога екипата на ТВ21 го посети. Претседателот на Месната заедница, Љубе Митрески, рече дека селото се соочува со бројни проблеми како што е отпадот, канализацијата, недостигот на вода за пиење во текот на летото и уништените улици.
Загрижувачки е фактот што во ова село кое брои околу 2.000 жители, секојдневно се шири непријатна реа од канализацијата која тече по улиците. Дента кога го доби третиот мандат, Дехари вети дека до крајот на 2022 година ќе вложи 20 милиони евра во капитални инвестиции, а една од нив, како што рече, ќе биде изградба на канализациона мрежа од Зајас до Другово.
Локалните мештани бараат да соработуваат со Дехари со цел заеднички да ги решат сите проблеми за да добијат елементарни услови за живот:
Жителите мачат мака и со отпадот кој може да се види расфрлан на секој крај од селото, особено околу контејнерите. Комуналното претпријатие го собира отпадот само од контејнерите, но не и оној кој е оставен околу. Мештаните велат дека иако плаќаат за собирање на отпад, сепак селото „се дави“ во нечистотија.
