Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека борбата на Унгарија против пандемијата на Ковид-19 влегува во нова фаза и оти почетокот на ноќниот полициски час ќе биде преместен на полноќ.
Орбан додаде дека од утре рестораните ќе бидат отворени до 23 часот.
Угостителските објекти исто така ќе можат да ги отворат своите затворени делови и да служат клиенти со потврди за имунизација, рече Орбан во своето редовно интервју за радио Кошут.
Според него, хотелите, зоолошките градини, музеите, кината, театрите, спортските сали и спортските објекти ќе бидат повторно отворени и ќе можат да ги посетуваат малолетници во придружба на нивните родители.
Орбан потенцираше дека со вакцинацијата, која до синоќа достигна бројка од 3.911.000 луѓе, Унгарија денеска сигурно ќе ја премине границата од четири милиони, поради што од утре ќе се воведат нови прописи.
Во меѓувреме, Унгарија ќе почне да вакцинира деца од 16 до 18 години со вакцината на Фајзер/Биотек, по 10 мај, кога завршуваат испитите во средните училишта.
– Унгарија сега има доволно вакцини за секој што сака да се вакцинира, рече Орбан, но предупреди дека пандемијата сè уште не е завршена и дека е потребно одговорно однесување.
