Унгарија со поддршка за Македонија во ЕУ – Бока: Најдобра гаранција за стабилноста е европерспективата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Будимпешта безусловно го поддржува евроинтегративниот пат на Скопје, истакна унгарскиот министер за европски прашања Јанеш Бока, кој е во посета на земјава. Тој кажа дека неговата земја останува на идејата да олеснува дијалог меѓу Скопје и Софија.

„Јас верувам дека вистинското место за Северна Македонија веќе требаше да биде во Европската Унија. Се надевам дека тековното билатерателно прашање ќе биде решено што е можно поскоро и ако Унгарија нешто може да направи за да го олесни овој процес, ние стоиме на располагање на страните“, изјави Јанеш Бока, министер за европски прашања на Унгарија.

За уставните измени и отворањето на поглавјата, последно евроамбасадорот Михалис Рокас изјави дека се води тивка дипломатија, но заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков не откри детали.

„Дали тоа ќе биде тивка дипломатија или гласна дипломатија не е важно, важно е дека Македонија станува едно подобро место за живеење во коешто евроинтеграцискиот пат ќе биде нашата примарна цел“, изјави Викторија Трајков, заменик министер за европски прашања.

Унгарскиот министер Бока во Скопје го коментираше и ставот на неговиот британски колега Дејвид Лами, според кого Западен Балкан може да биде дестабилизиран ако наскоро не се приклучи кон Унијата.

„Европската Унија прави најмногу што може за да работи на стабилноста на регионот и Унгарија како земја-членка на ЕУ, за време на претседателството, работеше да се обнови интеграцискиот процес за Западен Балкан и да се зајакне европската перспектива за регионот, што ќе биде најдобра гаранција за стабилноста“, изјави Јанеш Бока, министер за европски прашања на Унгарија.

Бока присуствуваше на трибина посветена на евроинтеграцијата на Универзитетот Скопје, која беше насловена „Како да биде Европа повторно голема“, налик на слоганот на американскиот претседател Доналд Трамп.