Унгарскиот парламент гласаше за повлекување од Меѓународниот кривичен суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Унгарскиот парламент во вторник гласаше за повлекување на земјата од Меѓународниот кривичен суд (МКС), објави министерот за надворешни работи Петер Сијарто, јавува Анадолија.

„Со оваа одлука, одбиваме да бидеме дел од политизирана институција која ја изгуби својата непристрасност и кредибилитет“, напиша Сијарто на платформата X.

Унгарија ја објави својата намера да се повлече од МКС на 3 април, кратко откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигна во четиридневна посета на Будимпешта.

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху за воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа, каде што од октомври 2023 година се убиени повеќе од 50.500 луѓе.

Неговата посета на Унгарија беше негово прво пристигнување на европско тло откако беше издадена меѓународна потерница.

Организациите за човекови права, вклучувајќи ги Амнести Интернешнл и Хјуман рајтс воч, ја повикаа Унгарија да го уапси Нетанјаху и да го екстрадира во МКС, но унгарските власти не одговорија на овие повици.

Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради војната во Газа.

Во вторник, Јужна Африка му соопшти на МСП дека Израел го користи гладот ​​како оружје против Палестинците, кршејќи го меѓународното право.

Институциите во Газа изјавија дека најмалку 65 проценти од Палестинците убиени во израелската воена офанзива се жени, деца и стари лица.