Управител на технички прегледи осомничен дека присвоил 675.000 евра од давачки за регистрација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 675.000 евра од јавни давачки за регистрација на возила наводно биле присвоени во период од четири години од страна на управител на друштво за технички прегледи. Според сомневањата на Финансиската полиција, парите биле наплатувани од граѓани и компании, но не биле уплаќани на институциите на кои им припаѓале.

Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против М. Н., поради сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.

Според истрагата, осомничениот во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, злоупотребувајќи ги овластувањата што ги имал во друштвото, противправно присвојувал средства наплатени при регистрација на моторни возила.

На тој начин, според Финансиската полиција, била прибавена противправна имотна корист во износ од 41.518.042 денари, односно околу 675.000 евра. Со ова, наводно, била предизвикана штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Истрагата покажала и дека во текот на 2022 и 2024 година осомничениот наводно извршил незаконски отпис на јавни давачки во вредност од 17.090.623 денари. Целта, според пријавата, била прикривање на неправилностите преку намалување на долгот кон надлежните институции во сметководствената евиденција и прикажување помали обврски.