Управниот одбор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје со допис до јавноста предупредува на, како што велат, „крајно алармантна состојба“ во работењето на претпријатието, која сериозно го намалува капацитетот за собирање и транспорт на отпадот во главниот град.
Во дописот стои дека Управниот одбор во текот на изминатите четири години навремено ги изгласувал сите планови и програми предложени од директорите, меѓу кои и Плановите за јавни набавки и Инвестициските програми, со што ги отфрла обвинувањата дека го блокирал работењето на претпријатието.
„Реализацијата на сите овие програми е законска обврска на директорите, а не на Управниот одбор“, наведуваат членовите.
Одборот тврди дека повеќепати алармирал до градоначалничката Данела Арсовска и до Градот Скопје за финансиските проблеми и намалената оперативна способност на претпријатието, барајќи итно преземање мерки и разрешување на в.д. директорот Сабахадин Рустеми.
„Наместо конкретни дејствија, добивавме само навредливи дописи и изјави полни со невистини“, се наведува во соопштението.
Одборот обвинува дека директорот не постапувал по нивните барања да се сервисира механизацијата и да се побара помош од другите јавни претпријатија, а ситуацијата со чистењето на градот станала критична.
Посочуваат и на, како што велат, „штетен анекс“ потпишан во ноември 2023 година меѓу тогашниот директор и ЈП „Водовод и канализација“, со кој „Комунална хигиена“ била ставена во финансиски неповолна позиција, бидејќи парите од наплатата на сметките се префрлаат со задоцнување.
„Со тоа претпријатието е спречено навремено да располага со сопствените средства“, наведуваат од Управниот одбор, додавајќи дека поради оваа состојба веќе побарале вонредна ревизија од Државниот завод за ревизија.
Одборот тврди и дека не им се доставуваат редовните финансиски извештаи и дека не е спроведена задолжителната независна ревизија за 2024 година.
„Ќе продолжиме да го даваме максимумот за да се одржи хигиената во градот, но нашите можности се ограничени без соработка од основачот и директорот“, порачуваат од Управниот одбор.
