Претставничката на Групацијата за недвижности при Стопанската комора, Фросина Ушлиновска, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 предупреди дека начинот на кој во Македонија се продаваат станови во рана фаза од изградба создава простор за злоупотреби и ризици за купувачите.
Таа посочи дека за разлика од земјите како Словенија, каде продажбата на недвижност не е дозволена пред завршување на најмалку 60% од градбата, кај нас купувачите инвестираат во „дупка“ — односно уште пред реално да почне изградбата.
„Тоа најмногу им одговара на инвеститорите. Граѓаните вложуваат уште во почетната фаза, често земаат кредити, ги плаќаат ратите, а инвеститорот ги користи нивните пари за градба,“ објасни Ушлиновска. Таа додаде дека ваквиот модел влијае и врз цените, но и отвора простор за манипулации на пазарот.
Според неа, доколку продажбата на имот се дозволува дури по одреден степен на завршеност — како што е случај во други европски земји — и инвеститорите и купувачите би биле многу повнимателни, а ризиците би се намалиле значително.
