Уште два дена кампања за првиот круг од локалните избори

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Остануваат уште два дена од изборната кампања за првиот круг од Локалните избори 2021 на кои кандидатите за градоначалници и за советници можат да ги претстават своите проекти и ветувања пред гласачите.

Синоќа во Скопски Бутел и Автокоманда своите кандидати ги претстави владејачката СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше во Кратово, Пробиштип и Крива Паланка, ДУИ се претстави во Кичево, Движењето Беса во тетовско Желино, Левица во Велес,…

Од митингот во Автокоманда премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев порача дека СДСМ и Коалицијата во првиот круг ќе победат 22:6.

-Нашиот политички противник ќе победи во шест општини, ќе добие шест градоначалници, а коалицијата предводена од СДСМ ќе има најмалку 22 градоначалника во првиот круг или 3,5 пати повеќе. Резултатот ќе биде 22:6 во првиот изборен круг. Слушајте ме внимателно, добро сум информиран, рече Заев.

Нагласи дека заврши времето на ВМРО-ДПМНЕ со лавовите, биковите и шмизлите. Ова сега, рече, е време на современи, модерни, европски општини, на развиена, европска држава.

-Градиме држава, општини, го слушаме гласот на граѓаните. Не е нормално да поставуваш лавови, бикови и шмизли, а да продаваш конзервативни вредности и наводна чесност зад која се кријат криминални апетити. Денес сите се одлучни, ВМРО-ДПМНЕ завршува со лавовите, биковите и шмизлите. Ова се времиња на ведри луѓе, дрвја и паркови, безбедни булевари и улици, детски насмевки во современи градинки, мотивирани ученици во современи школи, ова се времиња на автентична урбана култура и на европски општини, подвлече Заев.

На граѓанската трибина „Најдоброто за мојата општина” во Бутел, пак, порача дека платите, пензиите и поддршката од државата и натаму ќе растат.

-Платите пораснаа за над 6.000 денари, и просечната и минималната, за три пати повеќе отколку во времето на ВМРО-ДПМНЕ. И ќе растат. За три месеци – минималната плата ќе биде 18.000 денари, а просечната над 30.000 денари. Платите, пензиите и поддршката од државата и натаму ќе растат, ќе бидат поголеми од потребните трошоци за живот, истакна Заев.

Посочи дека македонската економија е стабилна и дека државата е тука и за општините и за секој човек и истакна и дека инвестициите од централната власт стратешки ќе се употребат за нови работни места и за повисоки плати за секого.

– Обезбедуваме рамномерен развој во сите региони со планска распределба на централните инвестиции. Ќе го поддржиме развојот на малите бизниси, посебно на дефицитарните бизниси во општините, за да се развиваат и да ги има во поголем број – тоа е нашата мисија, истакна тој и додаде дека инвестираат во сите региони, без никаква дискриминација.

Лидерот на СДСМ ги наброи реализираните проекти, но потсети и што направи актуелната власт во изминатите три години. Повтори дека наследија задолжени општини и дека помогнаа во нивното раздолжување.

-Од каде пари? Нема непродуктивни трошења и криминали, затоа е нормално да остануваат пари во Буџетот со кои градиме училишта, градинки, водоводи, канализации, птишта, булевари,…над 7.000 проекти на локално ниво. Ова ВМРО-ДПМНЕ ни на сон не може да го каже, а не па да го направи, рече Заев и ги повика граѓаните на 17 октомври масовно да излезат на гласање.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Кратово им рече на граѓаните дека ова се избори во кои се праќа порака до власта. Од власта, според него, немаат ниту план, ниту програма.
-Направиле флаери со истите ветувања од пред четири години и мислат дека народот пак ќе го прелажат Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште или сакате промени? Одговорот се чувствува во незадоволството од народот. А, тоа не е само незадоволство од неостварените ветувања на власта, туку и од нивната ароганција, потценувањето кое што го имаат кон народот и пазарењето со нашите идентитетски обележја, рече Мицкоски.

Тој укажа дека државата влегува во инфлаторна спирала, цените на сите производи одат нагоре, поскапено е се во продавниците, брашното, лебот, зејтинот, бензините, а, ни претстои и нова енергетска криза.

– А, знаете ли зошто дојдовме до ова. Затоа што додека во РЕК Битола ја крадеа и им беше поважно кој ќе ги добие тендерите, дали тоа да бидат струмичките фирми или Стентон, машините за ископ потонаа во вода, и нема доволен ископ на јаглен. Еве сега цената стигна да се плати, ќе увезуваат јаглен од 50 милиони евра. Тоа се ваши пари, тоа се пари на граѓаните, тоа е не се пари кои некој од џеб од Струмица ги донесе. Дополнителен проблем е како секој ден ќе поминуваат по 1000 камиони до Битола и 300 камиони до Кичево натоварени секој од нив по 20 тони, потенцира Мицкоски и додаде дека ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата.

Како што е лошо во енергетиката, посочи, уште полошо е во земјоделството.

-Сте виделе ли среќен или задоволен земјоделец изминативе 52 месеца, петта година по ред. А, ветуваа и не остварија повисоки субвенции, поголеми откупни цени. Зоран Заев и Љупче Николовски ги третираат земјоделците како робови, од чија мака печалат. И мислат дека ако дојдат тука пред избори и повторно ги ветуваат истите работи кои не ги исполниле, дека така ќе ги измамат повторно напатените луѓе, нагласи Мицкоски.

Рече дека СДСМ нема ниту план ниту програма, ги ветува истите работи од пред четири години и праша зошто на четири дена пред изборите Зоран Заев се одлучил да купува гласови, ако е најдоброто како што вели и ако навистина победува како што вели.

– Излезете на избори за да не дозволиме да ни ја украдат иднината. Не постои власт која може да победи со поткупени гласови, колку што може народ да излезе и да ги казни тоа што ја одземаат заедничката иднина, потенцираше Мицкоски.

Тој обвини дека Заев доделува државна помош на компании блиски до власта.

-Спротивно на Законот, на седница на Влада Заев доделува државна помош на 160 компании, внимателно одбрани, претежно блиски до власта, на кои ќе им истури неколку десетици милиони евра на само четири дена пред избори, мислејќи дека овие сопственици на компаниите ќе ги земат овие пари и ќе ги убедат вработените и нивните семејства да гласаат за Љупчо Николовски, Зоран Заев и СДСМ. Пред некој ден објавивме видео снимка каде носат црни вреќи во Битола. Вадат од брендираниот автомобил каде пишува најдоброто за вашата општина мислат дека ќе ги поделат тие пари и дека народот ќе им прости, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети истакна дека зад нас е времето на Охридскиот договор.

-Ние сега вртиме нова страница за зелено Кичево, за чист и развиен град, град на интелектуалци. Нашиот кандидат Фатмир Дехари низ овие осум години потврди дека бил градоначалник за сите во оваа општина и во тој правец нека потврди и проектот за изградба на капела кај православните гробишта во Кичево. До транзицијата немавме ниту еден универзитет, а сега ги имаме неколку. Најновиот Мајка Тереза, ќе се всели во новата зграда што ќе се изгради во скопската касарна, порача Ахмети од Кичево.

Претседателот на Движењето Беса и кандидат за градоначалник на општина Тетово Биљал Касами истакна дека Желино е пример на успешно менаџирање на општината од страна на Блерим Сејдиу.

-Тука сме да го побараме вашиот глас за нашите кандидати со кои се гордееме, не дека се најмлади, туку дека се подготвени професионално, морално, доаѓаат од вас за да ви служат вас. Како што во општина Желино Блерим успеа да реализира многу проекти, тој успеа да реализира проект и за општина Тетово. Реализирал проект, направил пат Блерим Сејдиу, а излегува да се фотографира Теута Арифи. Блерим има готов проект за рециклирање на сметот. За да се реализира тој проект ни треба поддршка на почетокот од општина Желино, потоа Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште, Гостивар и сите тетовски општини. Сега со поддршка на централната власт многу брзо ќе се реализира проект за изградба на Центар за култура. Тоа не се реализира зошто беше опозициски градоначалник, истакна Касами.

Димитар Апасиев, претседателот на Левица во своето обраќање пред велешани, потенцира дека овие локални избори се клучни за растот на партијата.

– Ние сме екипа која се создава одоздола нагоре и затоа сфативме со текот на нашиот политички активизам уште од студентски денови дека не можеме да одиме со хоризонтални движења. Тоа што и треба на државата е хиерархиска структура и во случајов партија која ќе се бори на рамноправна основа со другите партии и така настана Левица и сите ние сме дел од мозаикот кој се вика Левица, рече Апасиев.

Тој им порача на кандидатите од Левица да не потпаднат под притисоците.

– Јас верувам дека да ве заплашат не можат толку колку што можат да ве поткупат. Секој човек има некоја точка на топење, ќе ви понудат секакви предлози. И јас ќе ви кажам колку кошта советничко место, 30 илјади евра. Немојте да се предадете бидејќи единственото нешто кое го има Левица е кредибилитетот и чистиот образ, рече Апасиев.

Алијанса за Албанците во пишано соопштение обвини за негативна кампања од партиите на власт против опозицијата.

-Денеска, само два дена пред завршување на кампањата, партиите од власта во недостиг на успеси, во недостиг на конкретни проекти и во страв од пораз на избори, ја започнаа црната и негативната кампања против опозицијата. Во Тетово, Гостивар, Чаир, Сарај и други општини се делат памфлети со клевети, говор на омраза и меѓуетничка омраза. Случајот е пријавен во полиција и мисијата на ОБСЕ-ОДИХР и јавно бараме откривање на авторите на оваа пропаганда. Ваквите активности на хибридниот режим на СДСМ-ДУИ нема да ја спречи волјата на граѓаните за промени, но само ја демаскираат нивната лажна реторика за соживот, општество за сите и слични измами, рече портпаролот на АА Флакрон Беџети.

За тоа кој стои зад ваквите памфлети, нагласи, го докажува најдобро самата содржина на истите, која е слична на изјавите на премиерот Заев и експонентите на ДУИ.

-Ги повикуваме симпатизерите на Алијансата за Албанците и Алтернатива, да не подлегнуваат на вакви провокации. Слични активности сме виделе и во неколку случаи во минатото и се типични за партиите во паника, во пресрет на изборен пораз. Познавајќи ги како функционираат, очекуваме со слични фабрикувања да продолжат и до последниот момент, но им најавуваме дека нема да поминат несанкционирани, прво од граѓаните преку нивниот глас а потоа и со закон, рече тој.

Локалните избори ќе се одржат во недела на 17 октомври. Гласањето за изборите почнува во сабота, а први ќе гласаат пријавените болни и немоќни, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови…

Првпат на овие избори идентификацијата на гласачите ќе се врши со уреди за биометриска идентификација односно со отпечаток од прст, а на изборите, како и за претходните избори, ќе се применуваат мерки за заштита од ширење на Ковид-19.