Уште еден блеф и тактика, или… Путин предложи директни преговори, Зеленски вели прво примирје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Само еден ден откако европските лидери го посетија Киев и му порачаа на Путин да прифати 30 дневно примирје, за да се обезбедат преговори за крај на агресијата врз Украина, Рускиот претседател одржа вонредна прес конференција. Предложи директни преговори помеѓу Русија и Украина, на 15-ти мај во Истанбул. Рече дека директно ќе му се јави на турскиот претседател Ердоган да ги организира овие преговори.

„Предлагаме да започнеме без одложување следниот четврток, 15 мај, во Истанбул, каде што беа одржани претходно, а каде што беа прекинати“, вели претседателот на Русија, Владимир Путин.

Претседателот на Украина, Володомир Зеленски предлогот на Путин го нарече позитивен знак и дека Русите конечно почнаа да размислуваат за прекин на војната. Целиот свет го чекаше ова многу долго време, вели Зеленски, кој додава дека првиот чекор за вистинско завршување на која било војна е прекин на огнот.

„Нема смисол да се продолжи со убивањето дури ни за еден ден. Очекуваме Русија да потврди прекин на огнот – целосен, траен и сигурен – почнувајќи од утре, 12 мај, а Украина е подготвена да се сретне“, вели претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп. Тој вели дека предлогот на Путин е потенцијален голем ден за Украина и Русија.

„Помислете на стотиците илјади животи што ќе бидат спасени ако се надеваме дека ова бесконечно крвопролевање ќе заврши. Тоа ќе биде сосема нов и многу подобар свет. Ќе продолжам да соработувам со двете страни за да се осигурам дека тоа ќе се случи“, рече претседателот на САД, Доналд Трамп.

Сепак, дел од светските медуми пишуваат дека ова е само нов блеф и тактика на Путин. Имено, неговото вонредно обраќање дојде откако лидерите Велика Британија, Германија, Франција, Полска заедно со Зеленски, му предложија на Трамп план според кој Украина и Русија ќе ги прекинат сите воени операции 30 дена, без услови. Според извештаите на светските медиуми, Трамп го одобрил овој план, кој вклучува воведување санкции кон Русија во случај да го отфрли прекинот на огнот.