НЛБ Банка успешно ги заокружи деветте месеци од годинава, покажува анализата на финансиските резултати за периодот од 01.01.2025 до 30.09.2025 година. Во споменатиот период, НЛБ Банка оствари нето добивка во износ од 2.505.628 илјади МКД и забележа значителен раст на кредитното портфолио и раст на вкупните депозити. Овие позитивни финансиски индикатори се резултат на засилената деловна активност и позицијата на НЛБ Банка како доверлив партнер за клиентите.
Кредитите кај небанкарскиот сектор, на годишно ниво, пораснаа за 21,2%, пришто растот на кредитите пласирани кај нефинансиските друштва изнесува 32,2 %, додека растот на кредитите пласирани кај домаќинствата изнесува 14,5 %. На годишно ниво, вкупните депозити на Банката бележат зголемување за 15,8 %.
Позитивните деловни перформанси на НЛБ Банка се должат на континуираните продажни активности на кредитните продукти, зголемениот број на корисници на платните сервиси, како и на внимателното управување со ризиците, оперативната ефикасност и континуираната посветеност кон унапредување на клиентското искуство.
Во текот на првите девет месеци од годината, потврдувајќи ја својата улога на одговорен корпоративен граѓанин, НЛБ Банка остана доследна на својата заложба за вложување во заедницата, инвестирајќи во бројни општествено одговорни проекти насочени кон спортот, културата и традицијата, образованието и помош за ранливите категории на граѓани.
НЛБ Банка продолжува и натаму да биде поддршка на населението и стопанството и севкупниот развој на економијата во земјата. Во фокусот на работењето на Банката остануваат дигитализацијата и унапредувањето на дигиталните канали, подобрување на искуството на клиентите и проширување на портфолиото на банкарски и небанкарски продукти.
Истовремено, препознавајќи ги ризиците од климатските промени, НЛБ Банка ќе продолжи да ги развива „зелените кредити“ – кредитирање во области за производство на електрична енергија од обновливи извори, намалување на загадувањето и подобрување на животната средина, акцентирајќи ја важноста од одржливо финансирање, одржливо работење и взаемен придонес кон унапредување на квалитетот на животот во заедницата.
