Со укинувањето на балансерот, Уставниот суд донел противуставна одлука, вели пратеникот на Европскиот фронт Сали Мурати кој како поранешен уставен судија, но и претседател на Уставниот суд вели дека не се согласува со оваа одлука. Тој одлуката ја оцени како политичка, но воедно изрази сомнеж дека во блиско време ќе се донесе законот кој го најавуваат од ВРЕДИ, а кој треба да го замени балансерот. Требаше прво да се донесе закон па потоа да се укине балансерот, рече Мурати и најави дека ЕФ ќе достави свој предлог, но не прецизираше кога.
„Сметам дека одлуката на Уставниот суд за балансерот е противуставна, бидејќи многу е јасна одредбата, амандманот 6 на нашиот Устав, правична и соодветна застапеност е темелна вредност на уставниот поредок. Скептичен сум дека во блиско време ќе се донесе таков еден закон, јас лично како пратеник, затоа што ги следам работите“, додаде Сали Мурати.
Мурати инаку беше дел од Уставниот суд во време кога беа поднесени иницијативите за законот за јазиците за кој се очекува во март да се расправа на подготвителна седница. Тој го отфрла обвинувањето дека овој закон го држел во фиока бидејќи бил под директно влијание на ДУИ. Додава дека за одлуката ќе се почека малку повеќе.
„Судот и во март месец нема да донесе одлука за оваа работа. Зашто коментарите непознавателите на проблематиката на работата на Уставниот суд, но Уставниот суд ќе отвори подготвителна седница има деловнички како треба да постапува. Се оспорува целиот закон од многу иницијативи од 13 иницијативи целиот закон, се бара времена мерка на целиот закон и да кажеме на многу значителен број на одредби во законот“, вели Сали Мурати.
Мурати кој доаѓа од турската заедница вели дека во актуелната власт немаат ниту еден нивен претставник, а слична е состојбата и на ниво на државните органи.
