Утре седница на ЕСС – ССМ: 500 евра минималец и 100 евра раст на сите плати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минимална плата од 500 евра и зголемување на останатите плати за 100 евра. Ова барање утре ќе го стави на маса Сојузот на Синдикатите на Македонија на седница на Економско-социјалниот совет на која ќе присуствуваат претставници од Владата, но и работодавачите. Претседателот на ССМ Трендафилов со порака – утре е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците. Тој ги повика пратениците пред распишување на локалните избори да донесат брзи законски измени за минималец од 500 евра.

„Вредноста на синдикалната минимална кошница кој ја пресметува ССМ за минатата година е зголемена за 6.500 денари, а оваа година само делот за храна и пијалоци од завршувањето на последната мерка за 2.000 денари или што ќе каже во превод народски околу 150 евра се зголемени трошоците за живот за едно четиричлено семејно домаќинство. Дополнително, тоа што е значајно а е состојба во Македонија е тоа што 55,7 проценти од работниците и граѓаните во Македонија според податоците на Евростат не можат да си дозволат годишен одмор ниту 7 дена во бунгалов во Дојран“, додаде Слободан Трендафилов.

Трендафилов ги прашаа другите  синдикати на која страна ќе бидат на утрешниот состанок- на страната на Владата или на работниците. На средбата треба да се разговара и за мерки против високите цени, но и за новата кошничка која ја скрои владата откако имаше забелешки за синдикалната. Премиерот Мицкоски пак најави пет кошнички, за пензионери, самци, за млади брачни парови, за три и четиричлено семејство.

„Мислам дека никој не треба да им кажува на граѓаните што им е потребно туку треба да им овозможи пристојни услови високи плати за да можат да си ги обезбедат сите оние услови кои им се потребни не најосновните да потсетиме, вредноста на синдикалната минимална кошница не покажува што ние потребно да преживееме туку таа покажува на креаторите на политиките дека не се живее ни со толку. Ако тоа им  мета можат да си креираат сопствени кошнички, меѓутоа ќе треба да креираат и владина кошничка но и да го отворат владиното бифе како работничка менза“, вели Слободан Трендафилов.

Премиерот пак вели владата работи  и ќе работи за раст на платите. Тоа што просечната плата порасна на 45.800 денари е доволен доказ дека платите растат, но и тоа не е доволно, вели Мицкоски.

„Но и самиот факт што и бруто и нето просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн“, вели Христијан Мицкоски.

Според синдикалците, минималната плата од 400 евра во земјава е најниска во регионот, пониска од онаа во Србија, Црна Гора, БИХ, Словенија и Хрватска. За да се спречи иселувањето од земјава, според нив, Владата треба да им даде поддршка на работниците, како што тоа го прават Владите во регионот.