Со концерти на музичари од Мали и Јужна Африка, утре во Националната опера и балет во Скопје ќе биде отворено 25. издание на ОФФест, еден од најзначајните фестивали на светска музика во регионот.
Фестивалот започнува во 20 часот со настапот на триото Guitari Baro од Мали, а два часа подоцна на сцената ќе се појави јужноафриканската група BCUC, позната по својата експлозивна енергија и моќни сценски настапи.
Guitari Baro, што во превод значи „Гитарски разговори“, ги обединува врвните западноафрикански музичари Ласана Диабате, Гаусоу Кујате и Мамаду Кусубе. Со комбинација од традиционални манде-гриот мелодии, џез, конгоанска румба и кубански влијанија, триото создава современ и препознатлив звук. Нивниот деби-албум „Guitari Baro“ веќе привлекува внимание на светската музичка сцена како едно од најинтересните нови изданија.
Во вториот дел од вечерта ќе настапи BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness), состав од Совето, Јужна Африка, кој повеќе од две децении ја освојува светската публика со уникатен спој на африкански ритми, психоделични грувови, хип-хоп и панк-рок енергија. Добитници се на престижната награда WOMEX Artist Award за 2023 година и зад себе имаат настапи на најголемите светски фестивали, меѓу кои Glastonbury, Roskilde и Sziget.
Групата се враќа на ОФФест по две години пауза, овојпат со промоција на својот најнов албум „The Road is Never Easy“. Нивниот препознатлив активистички дух и силната интеракција со публиката ги прават едни од највпечатливите изведувачи во историјата на фестивалот.
Останатите содржини од програмата на јубилејниот ОФФест се достапни на официјалната веб-страница на фестивалот.
