Утрово -4 степени измерени во Берово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако утрото донесе ниски температури во повеќе делови од земјава, во текот на денот следува значително потопло време со сончеви периоди. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утрово најстудено било во Берово, каде се измерени -4 степени.

Во Битола температурата изнесувала 0 степени, додека 1 степен е измерен во Демир Капија и Струмица. Во Тетово и Велес се измерени 3 степени.

Температура од 4 степени е регистрирана во Крива Паланка, Куманово, Штип, Прилеп, Кавадарци и Гевгелија. Во Скопје утрово се измерени 6 степени, а највисока утринска температура од наведените места е измерена во Крушево – 9 степени.

Во текот на денот времето ќе биде сончево и релативно топло, со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.

Максималната температура ќе се движи од 22 до 29 степени.

Во Скопје се очекува сончево и релативно топло време, со слаб ветер од променлив правец. Максималната температура ќе достигне 27 степени.