Лимените тараби кои го уништуваа изгледот на Ул.Македонија во центарот на метрополата веќе ги нема.После тринаесет години тука повеќе нема градилиште. Црквата Св. Константин и Елена е целосно завршена. А привршуваат и последните подготовки за отворањето на овој православен храм
Церемонијата на осветување на црквата ќе биде во недела на 28 септември. Светата литургија ќе започне во 8.30 часот. Осветувањето ќе го изврши поглаварот на МПЦ г.г. Стефан во сослужение на бројни архијереи од Македонската Православна Црква.

Скопска епархија при Македонската Православна Црква ги покани верниците да учествуваат во осветувањето на како што велат велелепниот храм посветен на светите цар Константин и царица Елена, кој се наоѓа во срцето на Скопје. Верниците се повикани да земат литургиско учество во овој свечен и историски значаен настан- велат од таму.
А поканет е и целиот државен врв, дипломатскиот кор, стопанственици, претставници на локалната самоуправа, медиуми…

Изградбата на новиот храм кој го носи име на Св. Константин и Елена на централната градска улица „Македонија“ во Скопје почна во далечната 2012 година. Но поради потешкотии околу финансирањето храмот се градеше цели 13 години.
Првично, пари за изградба на црквата се собираа на донаторски конференции. Донираа политичари, бизнисмени, владици. Последниот повик на Македонската православна црква пред неколку години општествено одговорни личности да придонесат за довршување на овој значаен духовен и културен објект во центарот на главниот град вроди со плод. Од Скопската епархија за ТВ 21 кажаа дека има многу луѓе што помогнале да се доврши изградбата на овој православен храм, меѓу кои и познати бизнисмени. Информираа дека еден од нив е и Кочо Анѓушев кој го финансирал изработувањето на фреските и целокупниот фрескоживопис во храмот.
