Вакцини против ковид и алергии – пациентите со обични алергии смеат да се вакцинираат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради стравувањата од можни алергиски реакции при примање на вакцините против Ковид 19, пациентите кои имале анафилактички шок не треба да се вакцинираат со овој тип на вакцини, вели директорот на клиниката за пулмологија, Дејан Докиќ.

Тој појаснува дека тоа е шок кој се добива како резултат на алергиска реакција која може да биде животозагрозувачка до тој степен за да мора да се интервенира со адреналин или епинефрин со цел да се спаси човечкиот живот.

„Тоа е шок кој се добива како резултат на алергиска реакција било да е тоа на некои лекови, најчесто е пеницилин, може од убод на инсекти или доколку има алергична реакција на некои други медикаменти освен пеницилинот, составни делови на вакцини, значи ако пациентот претходно примал вакцини и реагирал со алергиска реакција, но не било која алергиска реакција туку со шкова реакција каде што имаме пад на притисокот тоа е животозагрозувачка состојба обично оди со осип по телото, гушење во форма на асма, оток на усните и облеаност со ладна пот“, истакна Дејан Докиќ.

Според Докиќ, такви пациенти се многу малку, а сите други кои што имаат било каква алергија па дури и од убод од инсект, а на кои не им бил потребен адреналин, тие може да се вакцинираат.

„Сите алергии на респираторни поленски зрнца, домашна прашина, на мувли може да се вакцинираат, алергични на разни други лекови може да се вакцинираат, на храна може да се вакцинираат“, посочи Дејан Докиќ.

Најновите статистички податоци од центарот за контрола на болсети и превенција во САД на милион и скоро 900 вакцинирани пациенти, според Докиќ, имале 21 анафилактичен шок, а она што е важно дека ниту еден од нив не завршил смртно. Тој препорачува пациентите кои имаат било каква алергија да се задржат половина час на местото каде ја примаат вакцината бидејќи 71 процент од сите алергиски реакции кои настанале при вакцинирањето биле во првите 15 минути, додека останатите 29 проценти од рекациите се јавуваат до половина час.