По скандалот со групата „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм каде се злоупотребуваа фотографии на девојки од приватни фејсбук и инстаграм профили, пратеничката од редовите на СДСМ Снежана Калеска Ванчева во синоќешното издание на дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека тоа овој настан претставува пораз на целата цивилизација.
„Секое насилство, секоја злоупотреба ја доживувам поразително, страшно, како личен човечки пораз на цивилизацијата. За жал повторно се соочуваме со тоа дека историски жената секогаш била најподложна на насилство, последиците најмногу ги трпела, дури ако земеме историски во војните жените кои што директно не учествувале во војните најголемите и најтешките трауми и последици долгорочни ги чувствувале тие. Сега повторно злоупотребата и насилството е најмногу преку социјалните мрежи се случува врз жените.“, вели Калеска-Ванчева.
Според пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска ова е сериозен сигнал кој не засега сите нас.
„Ние ова треба да го го гледаме како сериозен сигнал, и тоа видете кога ни доаѓа, само што го изгласавме Законот против насилство врз жени и спречување на семејно насилство. Со еден општ консензус со една општа акламација од општеството, од јавноста од ние како народни претставници. Зошто? Зошто тоа не засега нас. Во Македонија секоја трета жена е физички малтретирана, секоја петта велат психички малтретирана, велат неофицијалните бројки. Бројот е многу поголем и посериозен.“, рече Василевска.
Пратеничките во синоќешната емисија се сложија дека се потребни сериозни мерки и санкции за насилниците врз жените. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека групата „Јавна“ соба на апликацијата Телеграм е затворена, но апелираше на внимателност бидејќи на Телеграм имало друга слична група. Претходно, тој објави дека се приведени вкупно четири лица, двајца од Битола и по еден од Велес и Штип, директни учесници во Јавна соба на Телеграм.
