Екипата на Вардар е освојувач на пехарот во Купот на Македонија. Во вечерашното финале против Струга ТЛ, „црвено-црните“ го скршија проклетството кое траеше цели 18 години, и конечно, се закитија со овој пехар победувајќи со 2-0.
Вардаровиот јунак е Михаил Талевски. Младиот фудбалер со два гола му го донесе овој голем успех на Вардар, по кој „црвено-црните“ од битка за опстанок, на крајот стигна до излез во Европа.
Вардар првиот гол го постигна во 26. минута. Вардарци пробија по десната страна преку Јанкулов, не внимаваше никого на него, а тој нафрли до Талевски кој од десетина метри ја смести топката во долниот лев агол.
Наместо во вториот дел да се сменат работите на подобро за Струга ТЛ, се случи обратното. Повторно не внимаваа на Михаил Талевски, а вардаровиот херој во 49. минута ја дуплираше предноста за Вардар, а тоа значеше дека трофејот беше на добар пат кон „црвено-црните“ витрини.
До крајот на натпреварот немаше промена на резултатот, за конечен триумф за Вардар, кој одигра одлично во пролетниот дел од сезоната, и избори сигурен опстанок, а сега со овој пехар излегоа и во Европа, во Лигата на Конференции.
ФОТО: Екипа.мк
